
Отворен Балкан – Слободен пристап до пазарот на труд (информации)
18 март, 2024
Прашање и одговор: Потпишување на Изјава за доверливост од страна на работникот
13 септември, 2024ПЛАЌАЊЕ во готово во ДЕНАРИ од страна на ПРАВНИ ЛИЦА
Согласно со член 183 точка 6 од Законот за платежни услуги и платни системи, плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица:
- не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и
- не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец.
Компаниите кои имаат благајнички максимум над 20.000 денари имаат обврска за задолжително осигурување на паричните средства во благајната (минимум од пожар, поплава и кражба).
Осигурувањето се врши кај друштво за осигурување, а платената премија е даночно признат расход.
Со член 218 од истиот закон е уредена ГЛОБА во износ:
– од 50 до 250 евра во денарска противвредност за микро трговец,
– од 250 до 750 евра во денарска противвредност за мал трговец,
– од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност за среден трговец и
– од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за голем трговец доколку:
- не ја осигура готовината која што ја чува во благајна,
- плаќа производи и услуги во готово во поединечен износ повеќе од 6.000 денари или во вкупен износ повеќе од 60.000 денари во текот на календарски месец.
Покрај глобата на трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење дејност во траење од три месеци до две години.
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице кај трговецот за овој прекршок.
Покрај глобата на одговорното лице кај трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење должност во траење до една година.
Забрана за НАПЛАТА/ПЛАЌАЊЕ во ДЕВИЗИ меѓу резиденти!!!
Со членот 4 точка 6 од Законот за девизното работење ЗАБРАНЕТА е наплатата или исплатата (плаќање) во ефективни странски пари на побарувања/обврски меѓу резиденти. Прекршокот со наплата/плаќање во ефективни странски пари е санкциониран со казна ЗАТВОР од шест месеци до 5 години (член 54 од ЗДР).
ИЗНЕСУВАЊЕ И ВНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ ‐ ДЕВИЗИ
Износот на ефективни странски пари ‐ девизи кои можат да се внесуваат или изнесуваат од Македонија од страна на резиденти и нерезиденти е утврден со Одлуката за условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои може да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија.
Дефиниции за Резиденти:
- правни лица со седиште во РМ и нивни претставништва во странство,
- подружници на странски друштва регистрирани во РМ,
- физички лица со постојано место на живеење во РМ,
- физички лица со регулиран привремен престој во РМ и
- дипломатски и конзуларни претставништва на РМ во странство.
- Нерезиденти се сите други правни и физички лица кои немаат статус на резиденти.
ИЗНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ ОД РЕЗИДЕНТИ
СЛОБОДНО
Резидентите можат СЛОБОДНО да изнесуваат од Македонија ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 2.000 евра.
СО ПРИЈАВУВАЊЕ
Резидентите се должни при патување во странство износот на ефективни странски пари и чекови од 2.000 до 10.000 евра да го ПРИЈАВАТ на надлежните царинските органи при излегување од Македонија.
Ефективните странски пари од 2.000 до 10.000 евра резидентите можат да ги изнесуваат врз основа на потврда од овластена банка или менувачница за купени странски пари или врз основа на потврда од банка за подигање на девизи (странски ефективни пари) од сопствена девизна сметка. Потврдата важи до првото преоѓање на границата, а најдоцна до 90 дена од денот на издавање на истата.
При службено патување во странство резидентите можат да го изнесуваат износот на ефективните странски пари – девизи во противвредност од 2.000 до 10.000 евра, содржан во налогот за извршување на дознаката во странство (образец 1450), утврден врз основа на актот за службен пат во странство.
ЗАБРАНЕТО
Резидентите не смеат да изнесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност над 10.000 Евра!!!
ИЗНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ ОД НЕРЕЗИДЕНТИ
Износот на ефективни странски пари и чекови кој го изнесуваат нерезидентите не може да биде поголем од пријавениот износ при влегувањето во Македонија, за која имаат добиена потврда од царинскиот орган.
ВНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ ОД РЕЗИДЕНТИ
Резидентите во Македонија можат СЛОБОДНО да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 10.000 евра, а над 10.000 Евра внесувањето се врши согласно со одредбите од Законот за спречување перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.
При влегување во Република Македонија, резидентите се должни да го ПРИЈАВАТ на царинските органи износот на ефективните странски пари и чекови во противвредност над 10.000 евра, само доколку при преминот на државната граница кај надлежниот царински орган го пријават износот на ефективни странски пари и чекови што ги внесуваат.
Пријавувањето на износот на ефективни странски пари и чекови се врши на Образец за пријавување на ефективни странски и домашни пари и чекови кои резидентите и нерезидентите ги внесуваат или изнесуваат од Македонија (резидентите можат на царинскиот орган да пријават ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во износ помал од 10.000 евра).
ВНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ СТРАНСКИ ПАРИ ОД НЕРЕЗИДЕНТИ
Нерезидентите можат СЛОБОДНО да внесуваат во Македонија ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност до 10.000 евра.
Нерезидентите можат во Македонија да внесуваат ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност над 10.000 евра само доколку при преминот на државната граница кај надлежниот царински орган го пријават износот на ефективните странски пари и чекови што ги внесуваат (нерезидентите, при преминот на границата, можат да пријават и помал износ на ефективни странски пари и чекови кои гласат на странски пари во противвредност од 10.000 евра).
Пријавувањето на износот на ефективни пари нерезидентите го вршат на соодветен Образец.
ИЗНЕСУВАЊЕ И ВНЕСУВАЊЕ НА ЕФЕКТИВНИ ДОМАШНИ ПАРИ (ДЕНАРИ)
Износот на денари кои можат да се изнесуваат и внесуваат во Македонија е уреден со Одлуката за условите и висината на износот на ефективни домашни пари, чекови и монетарно злато кои можат да се внесуваат во или изнесуваат од Република Македонија („Службен весник на РМ“, бр. 41/07 и 184/18).
Резидентите можат во патничкиот промет со странство да внесуваат во, односно да изнесуваат од Македонија ефективни домашни пари во износ до 120.000 денари по лице и чекови кои гласат на денари во вкупен износ до 120.000 денари.
Нерезидентите можат СЛОБОДНО во патничкиот промет со странство да внесуваат во, односно да изнесуваат од Македонија ефективни домашни пари во износ до 120.000 денари по лице и чекови кои гласат на денари во вкупен износ до 120.000 денари.
Нерезидентите можат во патничкиот промет со странство да внесуваат во, односно да изнесуваат од Македонија ефективни домашни пари во износ поголем од износот наведен претходно само со документ дека ефективните домашни пари се купени од домашна или странска банка или подигнати од сметка во домашна или странска банка. Наведениот документ не може да биде постар од 30 дена од денот на издавањето и нерезидентите се должни при излегувањето од, односно при влегувањето во Македонија да го пријават на надлежниот царински орган поради заверка.
Пријавувањето на износот на ефективни домашни пари на царинските органи нерезидентите го вршат на Образец за пријавување на ефективни странски и домашни пари и чекови кои резидентите и нерезидентите ги внесуваат или изнесуваат од Македонија, пропишан согласно Правилникот за образецот за пријавување на ефективни странски и домашни пари и чекови кои резидентите и нерезидентите ги внесуваат или изнесуваат од Република Македонија.
Вработените во превозните средства кои вршат меѓународен сообраќај, можат да изнесуваат од односно да внесуваат во Македонија ефективни домашни пари во износ поголем од 120.000 денари, ако се остварени од продадени производи на физички лица.
Резидентите и нерезидентите можат да внесуваат во Македонија пригодни ковани пари и пригодни банкноти издадени во Македонија без ограничување. Резидентите и нерезидентите можат да ги изнесуваат од Македонија пригодните ковани пари и пригодните банкноти, само со сметка на овластен продавач за нивно купување во Македонија, односно со исправа на царинските органи за пријавување на тие пари при нивното внесување. Народна банка може да издаде одобрение за изнесување од РМ на ефективни домашни пари над износот од 120.000 денари под следните услови:
- ефективни домашни пари само за нумизматички и колекционерски цели од сите апоени,
- ефективни домашни пари потребни за тестирање на банкомати и машини за броење на книжни и ковани пари под услов кон барањето за добивање на одобрение да се приложи банкарска гаранција од странската фирма дека по извршеното тестирање, а најдоцна во рок од 6 (шест) месеци од денот на приемот на ефективните домашни пари, ќе се изврши враќање на истите,
- ефективни домашни пари коишто физички или хемиски се уништуваат во странство.