
За готовина – внесување, плаќање и изнесување девизи
13 септември, 2024
ВАЖНО: Нови повисоки износи (надоместок) што се плаќаат на Централниот регистар за достава на годишната сметка за 2024 година
27 декември, 2024Прашање и одговор: Потпишување на Изјава за доверливост од страна на работникот
Прашање
При вработувањето, работодавачот, покрај договорот за вработување ми даде да потпишан и изјава за доверливост која се однесува на чување деловна тајна со која е предвиден надомест на штета доколку ја прекршам оваа изјава. Дали потпишувањето на изјавата е задолжително, со оглед дека во претходните фирми во кои работев не ми беше даден ваков документ?
Одоговор
ЗРО во член 35 предвидува обврска за чување на деловна тајна од страна на работникот и во контекст на истата се утврдува дека работникот не смее да ги искористи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот, кои како такви со посебен акт ќе ги определи работодавачот и кои му биле доверени на работникот или со кои бил запознаен на друг начин. Работникот е одговорен за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците.
Секој работник кој доаѓа во контакт со материјали, информации и податоци кои се класифицирани е должен да ја чува тајната на истите.
Претставниците на работниците и сите експерти што им помагаат, не смеат на работниците или на трети страни да им откриваат какви било информации кои се од деловен интерес на работодавачот, а кои јасно им биле кажани во доверба. Оваа обврска продолжува да важи и по завршувањето на нивниот мандат.
Во одредени случаи и според условите и ограничувањата утврдени со закон, може да се утврди дека работодавачот не е обврзан да пренесе информации или да се консултира кога природата на тие информации или консултации е таква што според објективни критериуми сериозно би го нарушила или би го довела во прашање функционирањето на работодавачот.
Понатаму, во член 82 (став 1 точка 6) од ЗРО, оддавање на деловна, службена или државна тајна од страна на работникот меѓу другото е предвидено како основ за откажување на договорот за вработување без отказен рок поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со ЗРО или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување.
Освен овие одредби во ЗРО, за односите меѓу работодавачот и работникот во делот на чување деловна тајна важен и член 281 од Кривичниот законик со кој е уредено кривично дело оддавање и неовластено прибавување деловна тајна. Извршител на ова дело, тој што на неповикано лице ќе му соопшти, ќе му предаде или на друг начин ќе му ги направи достапни податоците што со закон се прогласени за деловна тајна, како и тој што прибавува вакви податоци со намера да ги предаде на неповикано лице, ќе се казни со затвор од една до пет години. Тој што на неповикано лице ќе му соопшти, ќе му предаде или на друг начин ќе му ги направи достапни податоците што со пропис или со одлука на надлежен орган на управување се прогласени за деловна тајна, ако оддавањето на овие податоци предизвикало или можело да предизвика потешки штетни последици, како и тој што прибавува вакви податоци со намера да ги предаде на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Ако овие податоци се од особена важност или ако оддавањето, односно прибавувањето на податоците е извршено заради нивно изнесување во странство, ќе се казни со затвор од една до десет години.
Сумирано, работодавачите, најчесто со интерен акт, определуваат кои податоци, факти, документи претставуваат деловна тајна на определен правен субјект и преземаат соодветни мерки за нивната заштита. Системот на заштита на деловна тајна вклучува задолжително запознавање на работникот со фактот дека одредени податоци и информации со кои располага и до кои доаѓа на своето работно место или во врска со работата што ја врши, се деловна тајна на работодавачот. Како што нагласува ЗРО, работникот е одговорен за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците. И Кривичниот законик на истата линија утврдува дека деловна тајна се податоците прогласени со пропис или со одлука на надлежен орган на управување.
Изјава/договор за доверливост, како дел од договорот за вработување или самостоен акт, е начин, средство со кое работодавачот на најдиректен начин го запознава работникот со деловна тајна на работното место и во врска со работата што ја врши и воедно е и механизам на заштита на истата, бидејќи е основа за активирање на одговорноста (кривична и материјална) на работникот. Работодавачот самиот цени дали има потреба работникот да даде изјава или да потпише договор за доверливост, со оглед на предметот на дејноста и другите околности кои ја детерминираат тајната на ниво на субјектот. Работникот со потпишување на изјавата за доверливост презема одговорност за чување на деловна тајна.
Пример:
ИЗЈАВА ЗА ДОВЕРЛИВОСТ
Јас, ____________, вработен на работното место _____________ кај работодавачот: Друштво за трговија и услуги __________ Скопје, ул. _________ бр. __ Скопје, со ЕМБС ______, изјавувам под целосна материјална и кривична одговорност дека своите работни задачи и обврски утврдени со Договорот за вработување бр. _____ од ____ година ќе ги извршувам согласно важечките законски и подзаконски прописи, посебните прописи со кои е регулирано вршење работи на моето работно место, интерните акти и процедури на работодавачот, а особено во согласност со професионалната етика и упатствата на работодавачот за чување на доверливи информации (деловна тајна).
„Доверливи информации“ во смисла на оваа изјава означуваат секој/а и сите, податоци, документација и информации со кои директно или индиректно располагам и/или ги подготвувам како резултат на моето работење или во врска со работата кај работодавачот, како и секој друг податок во кој имам увид и до кој доаѓам во текот на моето работење, и/или го осознавам во комуникација со претставници на работодавачот, неговите деловни партнери или која било трета страна, во писмена или усмена форма, вклучувајќи ги особено, но без ограничување: спецификации на производи и услуги, идејни планови, маркетинг планови / бизнис планови, софтвер, финансиски и комерцијални информации, база на податоци за клиентите и идентитет на потенцијални клиенти, како и секоја друга информација која работодавачот ќе ја означи како доверлива.
Во доверливи информации не спаѓаат информациите кои веќе биле достапни во јавноста пред јас, како вработен да ги стекнам, како и информации кои веќе биле во моја сопственост и со кои раполагав пред да станат дел од протоколот за чување деловна тајна, со доказ од фајлови, белешки, мејлови и други докумети со кои располагам.
Се обрзувам дека, без претходна согласност од работодавачот, нема да менувам, уредувам и/или копирам доверливи информации или да креирам материјални ентитети базирани на овие информации.
Се обрзувам да ги преземам сите потребни мерки за да ја заштитам тајноста на доверливите информации и да се избегне нивно откривање или неовластено користење, а особено дека:
А) нема да откријам, дадам или доставам ниту една доверлива информација на трето (неовластено) лице, ниту да ја направам достапна на јавноста на кој било начин, освен на овластените претставници на работодавачот, како и на државните органи во законски постапки, во согласност со законската обврска и
Б) со секоја доверлива информација со која се стекнав пред давањето на оваа изјава ќе постапувам на ист начин како и со доверливите информации откриени по нејзиното давање.
Се обрзувам веднаш да го известам работодавачот доколку постои случај на разоткривање или неовластено користење на доверливите информации, за кој дирекно или индиректно дознав.
Се обрзувам да му ја надоместам на работодавачот во целост материјалната и нематеријална штета, како и сите трошоци што евентуално би ги претрпел како директна последица на прекршувањето на оваа Изјава од моја страна.
Се обврзува сите доверливи информации да ги чувам како деловна тајна како за време на траење на мојот работен однос кај работодавачот, така и по престанокот на работниот однос.
Работник / Име и презиме ______________________
Во: ______________ Потпис: _______________
Датум: __________
photo source: https://www.google.com/url?sa=i&url=https%3A%2F%2Ffinancialcrimeacademy.org%2Fconfidentiality-requirements%2F&psig=AOvVaw2InKMzGM135ULZbqLuYj3E&ust=1726312782501000&source=images&cd=vfe&opi=89978449&ved=0CBcQjhxqFwoTCJiD_7fmv4gDFQAAAAAdAAAAABAE