
Пролонгирано ограничување на трговската маржа до 30 АПРИЛ 2023 година
29 декември, 2022
Казнена камата од 1 ЈАНУАРИ 2023 година
4 јануари, 2023Со почетокот на примената на новиот Закон за платежни услуги и платни системи („Службен весник“, бр. 90/22; во продолжение: ЗПУПС) од 1 јануари 2023 година, престанува примената на:
– Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари и
– Законот за платниот промет.
По исклучок, продолжена примена во траење од 15, 20 или 24 месеци имаат некои одредби од Законот за платниот промет кои се наброени во продолжение:
– одредбите од членовите 2 став (1) точки 4, 19 и 20, 5 став (1) точки 9 и 11, 6 став (1) точка 2, 7 став (1) точка 2, 7-а став (1) точка 2, 9, 10 став (1), 15, 16, 49 став (2), 50 став (1) точки 2 и 6 и 54 став (1) точки 1 и 2 од Законот за платниот промет ќе продолжат да се применуваат 20 месеци од денот на влегувањето во сила на ЗПУПС (ЗПУПС влезе во сила на 20 април 2022 година),
– одредбите од членовите 2 став (1) точки 5, 10 и 17, 21, 22, 23, 24 и 50 став (1) точки 10, 11 и 12 од Законот за платниот промет ќе продолжат да се применуваат 24 месеци од денот на влегувањето во сила на ЗПУПС и
– одредбите од членот 17 став (3) од Законот за платниот промет ќе продолжат да се
применуваат 15 месеци од денот на влегувањето во сила на ЗПУПС.
Со суспендираната примена на поголемиот дел од одредбите од Законот за платниот промет, Законот за платежни услуги и платни системи воведува неколку нови правила за уредување на готовинското (благајничкото) работење на правните субјекти од почетокот на 2023 година.
Плаќањето со готовина и плаќањето со пресметка, ЗПУПС го третира како извршување на
специфични плаќања (член 183). Со овој член се уредени новините во благајничкото работење кои ќе се применуваат од 2023 година.
Благајнички максимум и задолжително осигурување од 2023 година на благајничкиот максимум над 20.000 денари
Според членот 183 од ЗПУПС, за плаќања со готови пари (готовина), правното лице може да чува во својата благајна готовина до висината на благајничкиот максимум. Благајничкиот максимум како и до сега го утврдува самото правното лице со посебен акт (Правилник, Одлука).
Правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар над утврдениот
благајнички максимум примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна
до следниот работен ден на својата платежна сметка.
Новина од 2023 година е обврската за правното лице да ја осигура готовината која ја чува во својата благајна, најмалку до висината на благајничкиот максимум, при што договорот за осигурување задолжително ќе ги покрива штетите во случај на пожар, поплава и кражба.
Важно: Обврската за осигурување не се однесува на правните лица чиј благајнички максимум е до 20.000 денари.
Плаќање во готово
Плаќањето на производи и услуги во готово од страна на правни лица:
– не може поединечно да биде повеќе од 6.000 денари и
– не може да надмине вкупен износ од 60.000 денари во текот на календарскиот месец.
Месечното лимитирање (примена од месец јануари 2023 година) на износот на готовина до кој може да се врши набавка на производи и услуги е ново решение и истото треба да влијае на намалување на користењето на готовината од страна на деловните корисници. Овој лимит не е поврзан со висината на благајничкиот максимум, кој зависно од потребите може да биде поголем или помал. При калкулирањето на висината на благајничкиот максимум, компаниите предвид ќе ја имаат новата трошковна обврска за задолжително осигурување на максимумот во благајната над 20.000 денари.
Плаќање со пресметка во услови на блокирана платежна сметка
Правното лице не може да врши плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна
сметка (член 183, став 7 од ЗПУПС). Оваа одредба има одложена примена од една година:
стартува од 1 јануари 2024 година. Произлегува дека и за 2023 година, правните субјекти ќе можат за вршат плаќање со пресметка.
Буџетските корисници, единките корисници и другите корисници кои имаат платежни сметки во Трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка.
Јавните здравствени установи кои имаат платежни сметки во Здравствената трезорската сметка не можат да вршат плаќање со пресметка доколку имаат блокирана платежна сметка.
Дефиниции од ЗПУПС
– „Блокирана платежна сметка“ е платежна сметка на корисник на платежни услуги за која
има евидентирано нереализиран платен налог за присилна наплата или има ист единствен
даночен број, односно матичен број на граѓанинот за физички лица со сметка за која има
евидентирано нереализиран платен налог за присилна наплата (член 2 став 1 точка 9);
– „Плаќање со пресметка“ e меѓусебно намирување на паричните обврски и побарувања
помеѓу учесниците во платниот промет со компензација, асигнација, цесија, преземање на
долг и други облици на меѓусебно намирување на обврски и побарувања. (член 2 став 1 точка 99).
Глоби
За непочитување на обврската за:
– осигурување на готовината што се чува во благајната
– лимитирано плаќање производи и услуги во готово во поединечен износ повеќе од 6.000
денари или во вкупен износ повеќе од 60.000 денари во текот на календарски месец и
– неможноста за плаќање со пресметка доколку има блокирана платежна сметка,
со членот 218 од Законот за платежни услуги и платни системи се пропишани следните глоби:
– од 50 до 250 евра во денарска противвредност за микро трговец,
– од 250 до 750 евра во денарска противвредност за мал трговец,
– од 750 до 1.500 евра во денарска противвредност за среден трговец и
– од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за голем трговец
Покрај глобата на трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење дејност во траење од три месеци до две години.
Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице кај трговецот. Покрај глобата на одговорното лице кај трговецот ќе му се изрече и прекршочна санкција, забрана за вршење должност во траење до една година.