
Поврзано лице за целите на ДДВ
20 декември, 2022
Регистрација пријавување и плаќање на данок на додадена вредност
20 декември, 2022Задржан данок е данок кој се плаќа на приходите1, кои странските правни лица ги остваруваат од Република Северна Македонија.
Лица кои при исплата на приходи на странско правно лице вршат задржување на данокот, се:
• домашно правно лице;
• домашно физичко лице – регистрирано за вршење на дејност; и
• странско правно лице или физичко лице – нерезидент со постојана
деловна единица во Република Северна Македонија.
Исклучок е ако странското правно лице, на кое му припаѓа правото на наплата на приходите, има своја постојана деловна единица во земјата (Република Северна Македонија), и ако приходот се припишува кон неговата постојана деловна единица во земјата.
Во ваков случај не се задржува данокот и оданочувањето на добивката се врши преку оданочувањето на постојаната деловна единица.
Ако постојаната деловна единица (ПДЕ) на странско правно лице регистрирана во РСМ, му плаќа на основачот (матично странско правно лице) приходи кои подлежат на оданочување согласно Законот за данокот на добивка, на истите се задржува данокот.
1) Утврдени со одредбите на Законот за данок на добивка.
ВИДОВИ ПРИХОДИ НА КОИ СЕ ЗАДРЖУВА ДАНОКОТ
Задржување на данокот при исплата на приходи на странско правно лице се врши на следните видови приходи:
• приход од дивиденди;
• приход од камата од резидент;
• приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Северна Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
• приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
• приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Северна Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
• приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Северна Македонија;
• приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во Република Северна Македонија;
• приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Северна Македонија;
• приход од телекомуникациски услуги помеѓу Република Северна Македонија и странска држава; и
• приход од закуп на недвижности во Република Северна Македонија.
Бруто приход
Бруто приход е приходот кој би бил исплатен на странското правно лице, доколку не се врши задржување на данокот од приход.
Дивиденда
Приход од дивиденди означува добивка од акции или други права на учество во добивката кои не се побарувања на долгови, како и доходот од други корпоративни права кои по однос на оданочувањето имаат ист третман, како и доходот од акции според законите на државите чиј резидент е друштвото кое
врши распределба.
Камата
Приход од камата означува доход од: побарувања на секаков вид долг (независно од тоа дали е обезбеден со хипотека и дали врз основа на нив се стекнува право на учество во добивката на должникот); и особено доход од обврзници или други должнички хартии од вредност (вклучувајќи ги и премиите и наградите на тие хартии од вредност, обврзниците или должничките хартии од вредност); како и секој друг доход поврзан со доходот од пари дадени на заем (освен приходот од камата од должнички инструменти издадени и/или
гарантирани од страна на Владата на РСМ, Народна банка на РСМ и банки или други финансиски институции кои делуваат како претставник на Владата на РСМ, како и на приходот од камата од депозити во банка лоцирана во Република Северна Македонија).
Казнените камати платени за задоцнети плаќања не се сметаат за приход од камата.
Авторски хонорари
Приход од авторски хонорари (права) и други права на интелектуална сопственост, подразбира плаќање од било кој вид, примено како плаќање за употреба или право на користење на авторско право за: книжевно, уметничко или научно дело, вклучувајќи ги кинематографските филмови, софтвер, патенти, трговски марки и заштитни знаци, дизајни или модели, планови, тајни формули или постапка, или за информација во врска со индустриски, комерцијални или научни искуства, кои права се заштитени со правните прописи и обичаи со кои се регулира нивното стекнување и употреба.
Забавни и спортски активности
Приход од забавни и спортски активности кои се вршат во Република Северна Македонија, подразбира приходи остварени од организирање и одржување на јавни настапи кои ги вршат организирани групи и поединци исплатени на странски правни лица. Во приходите кои припаѓаат кон претходно наведените,
спаѓаат и надоместоците за: аудиовизуелни услуги, провизии поврзани со филмска и видео дејност, радио и телевизија, лиценци за дистрибуција на права и хонорари, оркестри и други културни и спортски дејности, котизации и членарини на културни и спортски организации, исплатени во корист на странското правно лице.
Менаџмент услуги
Приход од вршење менаџмент услуги е приходот остварен од организирање, планирање, координирање, контролирање и мотивирање, во остварување на целите на трговските друштва, односно во остварување на одредени економски резултати (профит).
Консалтинг услуги
Приход од консалтинг услуги подразбира приход остварен од вршење услуги на служби или организации што се занимаваат со давање на совети и интелектуални услуги во стопански, финансиски и технички проекти, односно упатства или работи на некој специјален предмет или проект, за определен надомест.
Консалтинг услуги подразбира и: правни, даночни, сметководствени и ревизорски услуги, кои странски правни лица ги вршат со надомест за домашни субјекти.
Под консалтинг услуги на деловно советување, се смета секој облик на деловно советување или консултација. По исклучок, не се смета за услуга на деловно советување: одржувањето на предавања, семинари, работилници и слични методи на подучување, потоа услуги на инженери, архитекти и слични
услуги кои за резултат имаат пишани документи за постапување (идејни и изведбени проекти, нацрти, упатства и други документи за постапување). Исто така, не се сметаат и услугите на посредување и застапување во некоја зделка, како и услугите на користење на различни бази на податоци.
Финансиски услуги
За приход од вршење на финансиски услуги се сметаат приходите на странското правно лице остварени од:
• издадени гаранции и други видови на обезбедувања;
• камати од финансиски лизинг;
• трговија за своја сметка или за сметка на клиентот, било на берза, преку шалтер или на друг пазар со: инструменти на пазарот на пари (вклучувајќи чекови, сметки, потврди за депозити), девизи, деривативни инструменти кои вклучуваат, но не се ограничени на фјучери и опции, инструменти на девизниот курс и каматните стапки, вклучувајќи ги работите како што се swaps, термински спогодби за камати;
• преносливи хартии од вредност;
• други преносливи инструменти и финансиски средства, вклучувајќи ги и златните полуги;
• учество во издавање на сите видови хартии од вредност, вклучувајќи го и преземањето на ризикот и пласирањето, во својство на агенти, и давањето на услуги во врска со тоа издавање;
• услуги во врска со пресметка и пребивање на финансиски средства, вклучувајќи ги хартиите од вредност, деривативните производи и другите преносливи инструменти;
• советодавни, посреднички и други помошни финансиски услуги во врска со сите видови на финансиски услуги, вклучувајќи ги референците за кредитна способност и анализа, истражување и советување за инвестиции и портфолија, совети за преземање и преструктуирање и стратегии на претпријатија;
• посредување во осигурување и реосигурување (активности на брокери, осигурителни и брокерски друштва и агенти), консултантски услуги, актуарски услуги и услуги во проценување на ризик.
Услуги на истражување и развој
Приход од вршење услуги на истражување и развој е приходот остварен од базни и технички истражувања, лабораториски и други услуги, проекти и елаборати (освен оние кои се однесуваат за инвестиции чија реализација е во тек), услуги на пропаганда, истражување на пазарот, огласување во медиуми, саемски приредби, промоција на производи во странство, анкетирање на јавно мислење.
Под услуги на истражување на пазарот, се подразбираат: начин на прибавување на пазарни информации, одредување на карактеристики на пазарите, мерење на потенцијал на пазарот, анализа на учество на пазарот, анализа на продажба, истражување на трендови во работењето, краткорочни и долгорочни предвидувања, испитување на понуди на конкуренцијата, истражување на цени, тестирање на нови и на постојни производи на пазарот.
Осигурителни премии од осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија
Приход од осигурителни премии од осигурување или реосигурување од ризици во Република Северна Македонија се сметаат приходите на странското правно лице остварени од:
• премија по основ на осигурување на живот;
• премија по основ на неживотно осигурување; и
• премија по основ на реосигурување, освен премија по основ на реосигурување што друштвата за осигурување и реосигурување на Република Северна Македонија се должни да го извршат во согласност со
закон.
Телекомуникациски услуги
Приходи од телекомуникациски услуги се приходите од услуги на:
• обезбедување на јавни фиксни телефонски услуги (локална телефонска комуникација, меѓумесна национална телефонска комуникација и меѓународна телефонска комуникација);
• обезбедување на јавни мобилни телефонски услуги;
• обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети (интернет протокол и други протоколи);
• обезбедување на услуги на изнајмени линии;
• обезбедување на јавни услуги за пренос на податоци;
• обезбедување на јавни радиокомуникациски услуги и обезбедување на други услуги (обезбедување на јавни услуги на говор преку мрежи со комутација на пакети помеѓу различни оператори и обезбедување на
пристап до јавната телефонска мрежа).
Закуп на недвижности во Република Северна Македонија
Приходи од закуп на недвижности во Република Северна Македонија се приходите кои ги остваруваат нерезидентните правни лица од закуп на недвижен имот во Република Северна Македонија.
Под недвижен имот се подразбира земјиште (градежно, земјоделско, шумско) и градежен објект на кој странското правно лице е сопственик согласно законот.
За кои приходи не постои обврска за задржување на данок?
Данокот не се задржува на следните приходи:
• на трансфер на дел од добивката на постојаната деловна единица на странско правно лице во Република Северна Македонија, на која претходно е платен данок на добивка;
• на приход од камата од должнички инструменти издадени и/или гарантирани од страна на Владата на РСМ, Народна банка на РСМ и банки или други финансиски институции кои делуваат како претставник на
Владата на РСМ;
• на приход од камата од депозити во банка лоцирана во Република Северна Македонија; и
• на приход остварен од посредување или консалтинг со државни хартии од вредност на меѓународен финансиски пазар.
ДАНОЧЕН ИДЕНТИФИКАЦИОНЕН БРОЈ
За што служи даночниот идентификационен број (ЕДБ)?
ЕДБ служи за идентификување на странскиот остварувач на приходите (странското правно лице) и на сите задолжувања и плаќања на данокот извршени за него.
Пред секоја прва уплата на данокот по задршка, исплатувачот на приход е должен од Управата за јавни приходи да побара даночен идентификационен број (ЕДБ) за странското правно лице (остварувач на приходите).
Во сите понатамошни даночни постапки на странското правно лице (како што се барањата за враќање на повеќе или погрешно уплатен данок, како и издавање на потврда за задржан и уплатен данок во РСМ), задолжително е повикување на издадениот ЕДБ.
Даночниот идентификационен број (ЕДБ) на странското правно лице, при плаќањето на данокот по задршка, се внесува во Налогот за плаќање на јавните приходи (образец ПП 50) во полето “Повикување на број
задолжување”.
Постапка за добивање ЕДБ за странско правно лице
За доделување на даночен идентификационен број (ЕДБ), исплатувачот на приходот го поднесува образецот УЈП-РДО до Управата за јавни приходи.
Образецот може да се преземе преку http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/16
Кон образецот, исплатувачот доставува прилози со кои го докажува статусот на странското правно лице:
1. Барање од домашното правно лице за издавање на идентификационен број (ЕДБ) за странско правно лице;
2. Потврда за резидентност или регистрација на странскиот правен субјект (преведена од овластен преведувач); и
3. Фактура.
Управата за јавни приходи издава Решение за регистрација на даночен обврзник УЈП-УД-3.2-08, во рок од 8 работни дена.
ПРЕСМЕТУВАЊЕ И ПЛАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ЗАДРШКА
Даночна стапка и основа за пресметување на данокот
Стапката на задржаниот данок за сите видови на приходи изнесува 10%. Данокот по задршка се пресметува и плаќа на оданочивиот бруто приход на странското правно лице остварен во Република Северна Македонија, со примена на стапката пропишана со законот, односно со примена на стапката од
меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување.
Задржувањето и плаќањето на данокот се врши истовремено со плаќањето на приходите на странското правно лице.
На кои сметки и приходни шифри се плаќа задржаниот данок?
Задржаниот данок и казнената камата за ненавремено плаќање се пресметуваат и плаќаат на наведените уплатни сметки и приходни шифри во табелата.
Доколку исплатувачот (правно лице и трговец поединец) при исплатата на приходот не го задржи и не го уплати данокот на соодветната уплатна сметка, ќе му се изрече глоба во износ од 2.500 евра во денарска противвредност, како и глоба во износ од 30% од одмерената глоба на одговорното лице кај исплатувачот на приход.
ТАБЕЛА на пресметка и плаќање на задржан данок – Уплатни сметки и приходни шифри
Уплатна сметка |
Вид на приход | Приходна шифра |
840-01097 | Задржан данок на приход од дивиденди, платени на странски правни лица. | 711218 |
840-01097 | Задржан данок на приход од камата од резидент, платена на странски правни лица. | 711219 |
840-01097 | Задржан данок на приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во РСМ, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица. |
711220 |
840-01097 | Задржан данок на приход од авторски хонорар исплатен од резидент, платен на странски правни лица. |
711221 |
840-01097 | Задржан данок на приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во РСМ, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица, платен на странски правни лица. |
711222 |
840-01097 | Задржан данок на приход од забавни или спортски активности кои се вршат во РСМ, платен на странски правни лица. |
711223 |
840-01097 | Задржан данок на приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги, услуги на истражување и развој и ако приходот е исплатен од резидент или ако приходот е на трошок на постојаната деловна единица во РСМ, платен на странски правни лица. |
711224 |
840-01097 | Задржан данок на приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во РСМ, платен на странски правни лица. |
711227 |
840-01097 | Задржан данок на приход од телекомуникациски услуги помеѓу РСМ и странска држава, платен на странски правни лица. |
711228 |
840-01097 | Задржан данок на приход остварен од закуп на недвижности во РСМ платен на странски правни лица. |
711225 |
840-01146 | Камата за ненавремено плаќање на задржаниот данок на приход платен на странски правни лица*. |
*според шифрата на задржаниот данок |
Доставување на Извештај за уплатениот данок по задршка
Исплатувачот на приходот кој има обврска да изврши задржување на данокот, еднаш годишно до УЈП, доставува Извештај за уплатениот данок по задршка (образец ДД-И).
Образецот може да се преземе од веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/76
Извештајот за уплатениот данок по задршка се доставува до 15-ти февруари во наредната година, по годината во која постоела обврска за задржување на данокот.
ОДБЕГНУВАЊЕ НА ДВОЈНО ОДАНОЧУВАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ЗАДРШКА
Договорите за одбегнување на двојно оданочување се објавени на веб страницата на УЈП http://www.ujp.gov.mk/mk/regulativa/pregled/tr/md
Доколку примателот на приходите, врз кој се применува задржување на данокот, е резидент на држава со која РСМ има потпишано договор за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување,
оданочувањето и применетата даночна стапка не може да биде различна од утврдената во договорите.
Услов за користење на даночно ослободување или пониска стапка одредена
во меѓународен договор
Пониска стапка одредена во договорот со странска држава се применува на приход врз кој се применува задржување на данок ако исплатителот на приходот располага со пропишан образец заверен од надлежен даночен орган на странската држава и од Управата за јавни приходи.
Правото од договорот се остварува со поднесување на Барање на пропишаните обрасци, според видот на исплатениот приход, и тоа:
• Барање за олеснување односно ослободување на данок од дивиденди (ЗДО/ДИ);
• Барање за олеснување односно ослободување на данок од камата (ЗД-О/КА);
• Барање за олеснување односно ослободување на данок од приходи од авторски права (ЗД-О/АП);
• Барање за ослободување од данок на други приходи (ЗД-О/ДП);
Може да ги преземете ги барањата преку
http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/pregled/filter/3/11
Обрасците се пополнуваат во 4 (четири) еднакви примероци и тоа:
• примерок за подносителот на барањето;
• примерок за надлежен даночен орган во странство;
• примерок за исплатувач на приходот; и
• примерок за Управата за јавни приходи во Република Македонија.
Заверка на обрасците од странскиот даночен орган
За примена на одредбите од договорот, образецот ЗД-О/ДИ, ЗД-О/КА, ЗД-О/АП, ЗД-О/ДП, треба да биде потврден (заверен) од надлежниот даночен орган во странство. Заверениот образец се поднесува при секоја исплата.
По исклучок, доколку се работи за зачестени исплати (по ист основ), заверениот образец се поднесува пред почетокот на првата исплата.
Доколку при исплатата на приходите кои подлежат на оданочување согласно законот, не се плаќа данок по задршка во согласност со одредбите на договорите за одбегнување на двојното оданочување, во тој случај се
поднесува Барање за даночно ослободување (образец ЗД-ДО) заедно со потврдата за резидентен статус заверена од надлежниот даночен орган во странство.
Образецот во еден примерок заедно со потврдата за резидентен статус се доставува до надлежната Регионална дирекција на УЈП.
УЈП ја спроведува потребната контрола и издава одобрение за даночно ослободување.
Барањето за издавање на потврда за даночен резидент во Република Северна Македонија согласно договорите за одбегнување на двојно оданочување може да се преземе преку следниот веб линк
http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/216