
Labor Laws
28 February, 2023Извор: www.ujp.gov.mk/mk/publikacii/pogledni/75
ВОВЕД
Овој текст треба да ви помогне и да ве упати како правилно да ги примените одредбите на Законот за данок на добивка, со цел правилно пријавување и плаќање на данокот на вкупен приход за непрофитните организации кои остваруваат приходи од вршење на стопанска дејност, како и начинот и постапката на задржување на данокот на приходи кои се исплатени на странски правни лица. Преку текстот ќе дознаете:
- Кој не е даночен обврзник за оданочување со данок на вкупен приход
- Кој е даночен обврзник за оданочување со данок на вкупен приход
- Кој образец треба да го поднесете
- Во кој рок се доставува образецот ДБ-НП/ВП
- Кога и како да го платите данокот
- Како се пополнува образецот ДБ-НП/ВП
- Оданочување со задржан данок
ЗАКОНСКА РАМКА
Непрофитните организации во Република Северна Македонија работат согласно прописите на:
- Закон на здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“, бр. 52/10,135/11 и 55/16); Закон за здруженија и фондации (во натамошниот текст: ЗЗФ) се уредуваат начинот, условите и постапката за основање,регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Северна Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес. Напомена: Одредбите од ЗЗФ не се однесуваат на политичките партии, црквите, верските заедници и религиозните групи, синдикатите, коморите и други видови на здружување уредени со посебни закони;
- Закон за сметководство за непрофитни организации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/03…154/15). Со овој закон се уредува водењето на сметководството, деловните книги, сметководствените документи и обработката на податоците, признавањето на приходите и расходите, проценувањето на билансните позиции, ревалоризацијата, финансиските извештаи, доставувањето на финансиските извештаи и други прашања во врска со сметководството на стопанската интересна заедница, здруженија на граѓани и фондации, други облици на здружување, политичките партии, верските заедници, религиозните групи и други, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, доколку поинаку не е регулирано со друг пропис (во натамошниот текст: непрофитни организации);
- Правилник за сметководство за непрофитни организации („Службен весник на Република Македонија“, бр.42/03…175/11). Со овој Правилник се пропишува водењето на сметководството, деловните книги, сметководствените документи и обработката на податоците, организацијата на сметководството, признавањето на приходите и расходите, проценувањето на билансните позиции, ревалоризацијата и пописот на непрофитните организации определени од Законот за сметководство за непрофитни организации;
- Правилник за содржината на одделни сметки во сметковниот план на непрофитните организации („Службен весник на Република Македонија“, бр.117/05). Со овој правилник е пропишана содржината на одделните сметки во сметковниот план на непрофитните организации.
ОДАНОЧУВАЊЕ НА НЕПРОФИТНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ СО ДАНОК НА ВКУПЕН ПРИХОД СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ЗА ДАНОК НА ДОБИВКА
Кој не е даночен обврзник
Согласно одредбите на Законот за данок на добивка (ЗДД) објавен во „Службен весник на РМ“, бр.112/14…248/18 и „Службен весник на РСМ“, бр.275/19, 290/20 и и 151/21, здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, не се обврзници за данок на добивка доколку остваруваат приходи од:
- членарини,
- доброволни прилози,
- донации,
- грантови,
- подароци (во пари, добра, имотни права),
- завештанија,
- легати,
- приходи од дивиденди од трговските друштва основани со средства на здружението и
- приходи од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од Владата на Република Северна Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на град Скопје.
Кој е даночен обврзник
Здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Северна Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации коишто остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, заради избегнување нелојална конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува, стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку вкупниот годишен приход од стопанската дејност е поголем од 1.000.000 денари.
Даночна стапка
Данокот на вкупен приход за непрофитните организации се пресметува и плаќа во висина од 1% од износот на остварените вкупни приходи од стопанска дејност во календарската година на износот кој надминува 1.000.000 денари.
Oбразец за оданочување со данок на вкупен приход за непрофитните организации
Непрофитните организации кои подлежат на оданочување, должни се утврдувањето на данокот на вкупен приход да го вршат на образец „ДБ-НП/ВП“- Даночен биланс на непрофитни организации.
Рок за доставување на даночен биланс за непрофитни организации
Образецот „ДБ-НП/ВП“ – Даночен биланс на непрофитни организации се доставува до Управата за јавни приходи или во електронска форма преку http://etax.ujp.gov.mk во рокот пропишан за поднесување на годишната сметка согласно Законот за сметководство за непрофитни организации најдоцна до 28/29 февруари наредната година по годината за која се однесува оданочувањето или во рок од 60 дена од денот на настанувањето на статусна промена.5 Напомена: Непрофитните обврзниците кои имаат остварено приход од вршење на стопанска дејност помал од 1.000.000 денари немаат обврска до Управата за јавни приходи да достават образец „ДБ-НП/ВП“ – Даночен биланс на непрофитни организации.
Рок за плаќање на данокот на вкупен приход
Плаќањето на данокот на вкупен приход се врши најдоцна во рок од 30 дена по рокот за доставување на образецот „ДБ-НП/ВП“ – Даночен биланс на непрофитни организации. Напомена: Непрофитните организации кои се обврзници за данок на добивка, немаат обврска за плаќање на месечни аконтации
НАЧИН НА ПРЕСМЕТУВАЊЕ НА ДАНОКОТ ЗА НЕПРОФИТНИ ОРГАНИЗАЦИИ
Основа за пресметување и плаќање на данок на вкупен приход за непрофитните организации претставува вкупниот годишен приход од вршење на стопанска дејност кој надминува 1.000.000 денари. Во продолжение е прикажан пример за тоа како едно здружение на граѓани ќе треба да пресмета и плати данок на добивка за 2020 година. Практичен пример Здружение на граѓани „Био-храна“, кое се финансира од донации и членарина, остварува и приходи од продажба на книги за био-органска храна, како и приходи од дадени услуги. На крајот на годината односно во 2020 година, здружението ги остварува следните приходи прикажани во Табела 1.
Назив | Сметка | Износ | АОП од Биланс на приходите и расходите |
Приходи од продажбата на производи и стоки | 710 | 750.000 | 241 |
Приходи од услуги | 715 | 750.000 | 242 |
Приходи од чланарини, подароци, | 730 | 500.000 | 244 |
Сопствени приходи, | 750 | 900.000 | 246 |
Вкупно приходи во 2020 година | 2.900.00 |
Во структурата на вкупните приходи, видно е дека здружението остварува приходи коишто се од вршење на стопанска дејност, но и приходи коишто не подлежат на оданочување согласно член 4-а од ЗДД. Остварените вкупни приходи од стопанска дејност односно: • Приходи од продажбата на производи и стоки во износ од 750.000 денари, • Приходи од услуги во износ од 750.000 денари и • Сопствени приходи во износ од 900.000 денари, ќе се оданочат со 1% на вкупниот приход кој надминува износ од 1.000.000 денари. Приходите од членарина, подароци во износ од 500.000 денари не подлежат на оданочување со данок на добивка. Во овој пример, од вкупно остварените приходи на здружението во износ од 9 2.900.000 денари, на оданочување со данок на добивка ќе подлежат само приходите од стопанска дејност во износ од 2.400.000 денари, но само за износот кој го надминува износот од 1.000.000 денари. Тоа значи дека здружението на износот од 1.400.000 денари односно на вкупните приходи од стопанска дејност по намалување (2.400.000 – 1.000.000) ќе се примени стапката од 1%. Оттука, здружението ќе има обврска да плати данок на добивка во износ од 14.000 денари (1.400.000*1%). Пример за пополнување на образец ДБ-НП/ВП Во продолжение е пополнет образец „ДБ-НП/ВП“ според горенаведениот пример кој обврзникот треба да го достави до Управата за јавни приходи.
ПРИХОДИ ОД ВРШЕЊЕ НА СТОПАНСКА ДЕЈНОСТ
Приходи од продажба на производи и стоки
Приходи од продажба на производи и стоки – се евидентираат приходите остварени од продажба на разни видови производи и стоки. Се внесува податок од АОП 241 од Биланс на приходите и расходите.
Приходи од услуги
Приходи од услуги – се евидентираат приходите од услуги направени на купувачите и другите должници по разни основи. Се внесува податок од АОП 242 од Биланс на приходите и расходите.
Приходи од кирии и закупнини
Приходи од кирии и закупнини – се евидентираат приходите од кириите и закупнините остварени од издадените подвижни и неподвижни предмети на користење во закуп и слично. Се внесува податок од АОП 245 од Биланс на приходите и расходите.
Сопствени приходи
Сопствени приходи – се евидентираат сопствените приходите кои се по основ на издавачка дејност, приходи од карти, билети, влезници, приходи од сервисни и други услуги. Се внесува податок од АОП 246 од Биланс на приходите и расходите.
ПЛАЌАЊЕ НА ДАНОКОТ НА ВКУПЕН ПРИХОД ЗА НЕПРОФИТНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Данокот на вкупен приход за непрофитни организации се уплатува на следните сметки:
Основ за плаќање | Основ за плаќање | Уплатна сметка | Приходна шифра |
Данок на вкупен приход на непрофитни организации | НБРСМ Трезорска сметка 100 000 000 063 095 | 840-ознака на општина-01674 | 711232 |
ЗАДРЖАН ДАНОК (withholding tax) ЗА НЕПРОФИТНИ ОРГАНИЗАЦИИ
Доколку непрофитните организации во текот на годината имаат исплати кон странски правни лица за извршени одредени услуги кои согласно одредбите на ЗДД подлежат на оданочување,7 во тој случај непрофитните организации имаат обврска да пресметаат, задржат и платат задржан данок. Задржувањето на данокот се врши на приходите кои се исплатени во Република Македонија или во странство на странските правни лица, а коишто не се остварени во рамките на деловниот потфат на постојана деловна единица на странското лице на територија на Република Северна Македонија, под услов поинаку да не е определено со Меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување.
Задржувањето на данокот го вршат:
- домашните правни лица;
- домашните физички лица регистрирани за вршење на дејност и
- странско правно лице или физичко лице-нерезидент со постојана деловна единица во Република Северна Македонија
Приходи кои подлежат на задржан данок се:
- приход од дивиденди;
- приход од камата од резидент;
- приход од камата од нерезидент којшто има постојана деловна единица во Република Северна Македонија ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
- приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
- приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Северна Македонија ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
- приход од забавни или спортски активности коишто се вршат во Република Северна Македонија;
- приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок
- на постојаната деловна единица во Република Северна Македонија
- приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Северна Македонија;
- приход од телекомуникациски услуги помеѓу Република Северна Македонија и странска држава и
- приход од закуп на недвижности во Република Северна Македонија. Стапката на задржаниот данок на приходот кој го остварува странското правно лице изнесува 10%. Доколку примателот на приходите, врз кој се применува задржување на данокот, е резидент на држава со која Република Северна Македонија има потпишано договор за одбегнување на двојното оданочување во однос на даноците на доход и капитал, оданочувањето и применетата даночна стапка не смее да ја надмине даночната стапка која се применува за приходот одредена во Договорот. Примената на даночната стапка од меѓународните договори се остварува на пропишани обрасци за олеснување или ослободување (образец ЗД-О/ДИ, ЗД-О/ КА, ЗД-О/АП, ЗД-О/ДП).
Преземете ги барањата преку http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci
Доколку странско правно лице остварува приходи во РСМ за кои согласно меѓународниот договор за одбегнување на двојното оданочување се применува 0% даночна стапка, може наместо обрасците ЗД-О/ДИ, ЗД-О/КА, ЗД-О/АП, ЗД-О/ДП да поднесе пополнет образец ЗД-ДО со прилог Потврда за резидентност издадена од надлежен даночен орган во странство. Пред исплата на приходите кои подлежат на обврската за задржување на данокот, барањето за олеснување односно ослободување за соодветниот вид на приход се доставува до надлежната Регионална дирекција на УЈП во три примероци целосно пополнети и заверени од надлежниот даночен орган на странската држава во делот за потврдување на резидентскиот статус на примателот на приходот. Непрофитните организации, кои имаат обврска да вршат задржување на данокот, пред да извршат плаќање на странското правно лице потребно е од надлежната Регионална дирекција на Управата за јавни приходи да побараат даночен идентификационен број” за странското правно лице –